ВМРО-ДПМНЕ: СДС е симбол на криминал, Владата е стабилна и работи на економски раст

 

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека слободното изразување мислење и став за различни проблематики за СДС е непознат поим. Во нивното соопштение се наведува дека од партија која на таканаречени внатрепартиски избори настапува со еден кандидат, без можност членовите да избираат, ништо друго и не може да се очекува.

„Во владината коалиција владее демократија каде што секој има право на свое мислење, слободно изразување и партиско делување,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата нагласуваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на враќање на функционалноста на институциите на системот, кои, како што велат, биле целосно уништени за време на владеењето на СДС.

„Нешто што се рушело и разградувало седум години не може преку ноќ да се среди, но полека, но сигурно, системот се враќа во функција,“ истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се потенцира дека економскиот пустош што го оставила претходната власт влијаел на стандардот на граѓаните, но дека со посветена и чесна работа Владата успева да го запре слободниот пад на економијата.

„Економијата заживеа, што го потврдуваат податоците на институциите – последниот квартал од минатата година заврши со раст на БДП од 3,2 проценти. Платите и пензиите се покачуваат, растат директните странски инвестиции и се вложува во капитални проекти,“ соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, од партијата додаваат дека единствената работа што функционирала за време на седумгодишното владеење на СДС и ДУИ биле криминалот и корупцијата.

„Тоа не го тврдиме само ние, туку го потврдуваат и надлежните институции. Нема област каде што ќе се направи ревизија, а да не излезе форма на организиран криминал и корупција од времето на претходната власт,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, од владејачката партија порачуваат дека Владата е стабилна, функционална и целосно посветена на обезбедување економски раст и подобар животен стандард за сите граѓани, додека, како што велат, СДС останува симбол на криминал, корупција и предавства.

 
26.04.2025 - 11:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега