Мајка му помагала на синот да криумчари мигранти, Судот им одреди притвор
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против четири лица од Гевгелија – Д.Т. (32), У.К. (24), Л.А. и В.Т. (50) – поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, информираше Министерството за внатрешни работи.
Според официјалните информации, на 17 април 2025 година, првопријавениот Д.Т. на подрачјето на Гевгелија прифатил четири лица мигранти, меѓу кои и дете од Кина, и ги предал на второпријавениот У.К. Во меѓувреме, третопријавената Л.А., мајка на првопријавениот, преку телефон ги известувала за движењето на полициските патроли за да им овозможи непречено криумчарење.
„Од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, на првопријавениот и второпријавениот им беше изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека третопријавената доби мерка домашен притвор во траење од 30 дена“, соопштија од МВР.
Истрагата продолжува за целосно расветлување на случајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа