Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со тврдења дека комуникациската стратегија на опозициската СДСМ е целосно водена од странска ПР агенција и поранешни советници. На прес-конференција, членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, истакна дека зад завесите на „лажните соопштенија“ стојат експремиерот Зоран Заев и неговиот поранешен советник Зоран Башановиќ.

„Зоран Башановиќ, екс советникот на Зоран Заев го води ПР тимот на СДС и Филипче. Пред само неколку месеци, по препорака на Зоран Заев, Венко Филипче оди во Ниш, Србија и остварува средба со Милјан Счекич, човек кој сега е задолжен за штанцање на лажните соопштенија и прес-конференции на СДС“, обвини Манасиевски.

Според неговите зборови, станува збор за ангажман на српската агенција „Ај медија“ (Eye Media), а логистичкиот центар се наоѓа во строгиот центар на Скопје.

„Екс советникот на Зоран Заев, Зоран Башановиќ и Милјан Счекич, се сместени во скопскиот хотел Парк, и оттаму го водат центарот за лаги и манипулации на СДС. Со ова, се открива вистината за фалименто соопштенијата на СДС и многуте честити српски фрази и споредби во нивната комуникација“, посочи членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски директно го впери прстот кон поранешниот лидер на СДСМ, посочувајќи ја неговата улога во актуелното раководство:

„Зоран Заев откако го договори Венко Филипче да биде лидер на СДС, му договори и кој да лаже за него. Сега може да знаете кој е изворот на сите навреди, лаги и манипулации.“

За следните денови, ВМРО-ДПМНЕ најави објавување нови детали со кои, како што велат, ќе стане јасно „зошто СДС толку многу е опседнато со СНС и со Србија“.

Exit mobile version