Полскиот премиер Доналд Туск денеска упати остри критики на сметка на својот унгарски колега Виктор Орбан, обвинувајќи го дека користи „процедурални и формални трикови“ за да ја блокира помошта на Европската Унија наменета за Украина. Враќајќи се од самитот на ЕУ во Брисел, Туск пред новинарите изјави дека зад потезите на Орбан се кријат домашни политички пресметки.

„Не успеавме да го убедиме премиерот Орбан и тој сè уште е решен да ја блокира помошта за Украина… Помошта за Украина е пред сè шанса да се запре Русија и нејзината агресија“, изјави Туск.

Тој предупреди дека опстанокот на Украина и самите механизми на ЕУ станале заложници на изборната домашна игра на унгарскиот премиер, нагласувајќи дека Брисел моментално нема „план Б“. Според него, останатите земји-членки сега ќе мора да бараат алтернативни начини за испорака на помошта, што нема да биде лесно.

„Европа има сè повеќе проблеми со Орбан“, констатираше полскиот премиер.

Сепак, тој изрази задоволство што во заклучоците на Советот е прифатено дека следната буџетска рамка на ЕУ ќе предвиди дополнителни средства за регионите кои граничат со Русија и Белорусија.

Покрај Украина, Туск го истакна како голем успех договорот постигнат заедно со Данска – дека ЕУ повеќе нема да води политика на отворени врати за бегалците, особено во контекст на новата војна на Блискиот Исток.

„Успеавме да ја убедиме Европската комисија и другите партнери недвосмислено да кажат – грешките од 2015 година не смеат да се повторат… ЕУ мора јасно и силно да ги брани своите граници од нелегалната миграција“, порача Туск, посочувајќи ги како пример полските акции на границата со Белорусија.

Exit mobile version