Во услови на изразена глобална неизвесност, Министерството за финансии внимателно ги следи економските текови и не исклучува можност за одредени корекции на буџетските проекции. Сепак, како што потенцираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во Дневникот на МРТ, апсолутен приоритет останува фискалната стабилност и заштитата на животниот стандард на граѓаните.
Таа нагласи дека главната битка на нејзиното Министерство е задржување на буџетскиот дефицит во планираните рамки за оваа година, што ќе се постигне преку кратење на непродуктивните трошоци и пренасочување на парите кон клучните потреби. „Секако во рамките на тоа да се испроектираат одредени заштеди таму каде што имаме простор и да се дадат таму каде што е приоритетно. Но, морам да потенцирам дека секогаш приоритет ќе биде навремената исплата на платите, пензиите, социјалната помош, сè она што е значајно за да се заштити стандардот на граѓаните”, истакна министерката.
Зборувајќи за предизвиците кои ги носи кризата, Димитриеска-Кочоска откри дека државата годинава е исправена пред сериозна обврска – враќање на стари долгови во висина од над две милијарди евра. Таа објасни дека несервисирањето на овие долгови не е опција, споредувајќи ја државата со секое обично домаќинство. „Како и секое домаќинство, кога земате кредит – без разлика дали е станбен или потрошувачки – мора да го вратите. Доколку тоа не се направи, се нарушува кредитниот рејтинг и финансиската стабилност, и затоа воопшто не станува збор за опција да не се сервисираат обврските”, децидна беше Димитриеска-Кочоска.
За да се обезбедат овие средства преку рефинансирање, Владата направила стратешки избор најголемиот дел од задолжувањето да се реализира на странскиот пазар. Целта на овој потег, според министерката, е да се остави доволно простор и ликвидност во домашните банки за тие да можат непречено да го кредитираат домашното стопанство. На крајот од интервјуто, Димитриеска-Кочоска порача дека ваквиот пристап е оправдан во услови на засилени глобални ризици и дека Владата ќе продолжи да носи одлуки кои гарантираат економска стабилност.
