Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, 41-годишниот В.А. од Кочани, денеска (20 март) е лишен од слобода во голема полициска акција под сомнение за примање поткуп. Акцијата ја спроведоа службеници од Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, а до ОЈО ГОКК веќе е поднесена кривична пријава по член 357 од Кривичниот законик.
Според деталите од истрагата, В.А. ја злоупотребил својата службена положба обидувајќи се да изнуди дури 100.000 евра од сопственик на компанија која се занимава со увоз. Шемата функционирала индиректно, преку посредник – лице шпедитер.
На оштетениот увозник претходно му било кажано дека за стоката што сака да ја внесе во државата има забрана за влез, бидејќи не е во согласност со законските прописи, за што Инспекторатот веќе имал изготвено и записник. За да се „зажими“ пред законот и увозот да помине непречено, на сопственикот му биле побарани 100.000 евра.Планот бил сумата да се исплати на три рати: првата од 50.000 евра, а потоа уште две рати по 25.000 евра.
Клучното примопредавање се случило вчера (19 март). Оштетениот ги предал првите 50.000 евра на шпедитерот,кој потоа му ги однел на директорот В.А.


