Приоритет и најголем интерес на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува одржувањето на стандардот на граѓаните, се наведува во соопштението на партијата. За таа цел, со навремени и ефективни мерки, бил спречен ценовен шок кај горивата. Со одлуката на Владата за намалување на ДДВ-то на нафтените деривати од 18% на 10%, се спречило поскапување на горивата и се постигнала нивна стабилизација.
Додека регионот се соочува со енормни поскапувања, во Македонија бензините остануваат со иста цена, додека цената на дизелот се зголемува само за 3,5 денари наспроти очекувањата дека ќе поскапи за 10,5 денари по литар.
Со намалување на ДДВ за горивата дирекно се интервенираше во намалувањето и стабилизирањето на цените, со што цените на нафтените деривати се намалија од 6,5 до седум денари за литар гориво.
Според пресметките дневната заштеда за граѓаните е повеќе од 200.000 денари, додека на неделно ниво заштедата е приближно 1,5 милиони евра. Со ова, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше поскапување за граѓаните и стопанството.
Во услови на силен раст на цените на светските пазари, со оваа интервентна мерка на Владата за намалување на ДДВ-то се прекинува синџирот на поскапувањата, од горивата до храна и услуги.
Македонија останува со убедливо најниски цени на горивата од земјите од регионот и меѓу ретките земји од регионот коишто директно од буџетот го одржува и се грижи за стандардот на граѓаните.

