Во изминатата година во Општина Чучер Сандево се реализирани и започнати повеќе проекти насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Активностите опфаќаат комунална и патна инфраструктура, заштита на животната средина, спорт и образование.
Од партијата посочуваат дека започнала изградбата на пречистителна станица за фекална канализација во Кучевишка Бара, додека во Чардак се гради канализациска мрежа. Паралелно се работи на подобрување на водоводната мрежа и расчистување на дивите депонии.
Во делот на патната инфраструктура, според ВМРО-ДПМНЕ, реконструирани и асфалтирани се повеќе улици во населените места, во вкупна должина од околу четири километри. Реализирана е и последната фаза од реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“, со што е завршено отстранувањето на старата коцка.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се инвестира и во спортот и образованието. Целосно е реконструиран спортскиот терен во Глуво, каде што е поставена вештачка трева, а реализирани се и активности за подобрување на условите во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Во насока на зголемување на безбедноста на граѓаните, формирано е Доброволно противпожарно друштво, обезбедено е теренско возило за гаснење пожари, како и дополнителна опрема за интервенции на отворен простор.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека активностите продолжуваат со цел подобрување на инфраструктурата, заштита на животната средина, поголема безбедност и создавање подобри услови за живот во Општина Чучер Сандево.


