Приклучувањето кон иницијативата „Роаминг како дома“ ќе им овозможи на граѓаните на Македонија да користат пакети за мобилни услуги, интернет, повици, СМС пораки, во земјите од ЕУ, по цени исти како и дома. Ова претставува директна придобивка од европската интеграција, која ќе донесе пониски трошоци за граѓаните, полесна комуникација со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа, како и подобри услови за работење на компаниите и поевтина прекугранична соработка, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во прилог интегралниот текст:

Со цел усогласување на македонското законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, изработени се четири гап-анализи за прилагодување . Врз основа на овие анализи беше подготвен законски текст за измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации.

Во рамки на подготовката на законската рамка потребна за пристапување кон иницијативата „Роаминг како дома“, Нацрт-законот беше објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, додека на 24 февруари 2026 година беше утврден текстот на Предлог-законот.

На 4 јуни 2026 година, Советот на ЕУ го одобри отпочнувањето на преговорите со земјите од Западен Балкан за проширување на иницијативата „Roam Like at Home“. Ова е  важен политички сигнал и формален почеток на процесот за вклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот роаминг-простор.

Во насока на понатамошно придвижување на процесот, на 12 јуни 2026 година министерот за дигитална трансформација ќе присуствува на состанок со министрите од земјите од Западен Балкан и претставници на Европската комисија, на кој ќе се разговара за главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и степенот на подготвеност на земјите за пристапување кон иницијативата.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги става интересите на македонските граѓани во фокусот на своето работење. Оваа иницијатива има директно значење за граѓаните, компаниите, студентите, работниците и за сите кои секојдневно комуницираат и соработуваат со земјите од Европската Унија.

Преку усогласување на домашното законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, Владата јасно ја потврдува својата посветеност на европската интеграција, a се спроведуваат конкретни мерки кои носат практични придобивки и придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Exit mobile version