Грчките власти започнаа голема и радикална кампања за чистење на јавните плажи, насочена против туристите кои со часови однапред оставаат крпи и други предмети за да си резервираат место што поблиску до морето.

Доколку ве фатат како го правите ова во некое од грчките одморалишта, бидете подготвени за строги парични казни кои се движат од 100 до 300 евра.

Мерката ќе се применува во сите популарни туристички места, со посебен акцент на Халкидики, каде што е планирано општинските служби со механизација да ги посетуваат плажите уште од раните утрински часови.

„Некои туристи, покрај крпите, оставаат и чадори за сонце, лежалки и маси, а со цел да се осигурат дека никој нема да им ги помести, дури ги заклучуваат и со катанци. Поради оваа дрскост, властите се принудени да преземат драстични мерки со багери.“

Официјалниот став на грчките летувалишта е јасен – јавните плажи се општи и бесплатни за сите и никој нема право приватно да ги блокира.

„Плажите мора да останат достапни за сите. Само компаниите кои плаќаат кирија имаат право законски да поставуваат свои лежалки. На посетителите на општинските плажи им е дозволено да носат своја опрема без плаќање влез, но се должни да ги соберат сите свои работи пред да заминат од плажата.“

Строги контроли веќе се најавени и на северниот дел од брегот, на потегот од Кавала па сè до Александрополис.

Exit mobile version