Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека води поданичка политика кон Бугарија со цел да се добере до власт.
Според Лефков, демагошката програма на СДСМ не го дава посакуваниот ефект на анкетите, поради што опозициското раководство се врти кон надворешни отстапки.
„Специјалниот бугарски пратеник Филипче е спремен да истурка уставни измени сметајќи дека така ќе дојде на власт. Иако над 80 проценти од македонските граѓани сметаат дека уставни измени под диктат на Бугарија не се чекор кон ЕУ и дека оваа отстапка не треба да се прави без јасни гаранции, сепак Филипче и лојалистите на Заев во врхушката на СДС уште утре би ги потпишале сите бугарски барања“, истакна Лефков.
Пратеникот предупреди дека ваквиот понижувачки однос кон официјална Софија и претседателот Румен Радев нема да донесе ништо добро за државата, туку дополнително ќе ја маргинализира опозицијата на домашната сцена.
Лефков порача дека владејачката коалиција има огромна поддршка од народот и дека ВМРО-ДПМНЕ цврсто ќе продолжи да ги штити македонските национални интереси.


