Собранието во рамки на денешната 104. седница ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.

Фетаи ја поднесе оставката на 1 јуни, а преку социјалните мрежи соопшти дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест. Во официјалното образложение тој наведува дека во сегашните околности веќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност.

Во својата објава, сега веќе поранешниот вицепремиер истакна:

„Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека во моменталните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и за подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да“.

Во продолжение на денешната седница, пратениците ја утврдија и потребата по скратена постапка да бидат донесени повеќе законски измени и дополнувања.

Меѓу нив се законите за управување со конфискуван имот, за електронски комуникации, за судовите, за Судскиот совет, како и законите за технолошко-индустриските развојни зони и за индустриските зелени зони. По скратена постапка ќе се носат и измените во законите за енергетска ефикасност, за шумите, за земјоделското земјиште, како и за градењето и за урбанистичкото планирање.

Exit mobile version