Запуштениот простор долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Бутел наскоро ќе прерасне во нов модерен мега парк. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денеска извршија увид во градежните работи на оваа локација.

Проектот опфаќа површина од 8.000 м² и предвидува богати зелени површини, нов плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони прилагодени за сите генерации.

Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи истакна дека овој простор со децении стоел заборавен, но со заеднички ангажман ќе стане пример за модерно уредување.

„Со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски си дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде симбол на негрижа, туку пример за тоа како се работи кога има визија, волја и љубов кон градот“, вели тој.

Според најавите, ова е еден од четирите ветени мега паркови во програмата, а активностите за позеленување на главниот град ќе продолжат и во наредниот период.

„Дополнително, предвидуваме изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини, од кои дел веќе се започнати, со цел секое маало, секој дел од градот и секое семејство да добие свој зелен агол“, додава тој.

Надлежните порачуваат дека инвестициите во вакви капитални проекти ќе продолжат со цел да се обезбеди рамномерен развој и повисок квалитет на живот за жителите во сите скопски општини.

Exit mobile version