Поголема количина пури во вредност од околу четири илјади евра се запленети од мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи, по извршена контрола на автобус на влез во државата на граничниот премин Табановце.
Против лицето К.Б., македонски државјанин, е поднесена кривична пријава за криумчарење. Осомничениот бил возач на автобус вработен во компанија која врши меѓународен патен превоз.
Од Царинската управа информираат дека мобилен тим, поради основано сомневање, го запрел автобусот за детална контрола, при што под седиштата и во фабрички шуплини биле пронајдени вкупно 312 пури од различни производители. Избегнатите давачки се проценуваат на околу 174,9 илјади денари.
Акцизните производи, кои биле предмет на обид за криумчарење, се запленети и по наредба на ОЈО Куманово ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Царинската управа соопшти дека продолжува со засилени контроли со цел спречување на нелегална трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување услови за фер економија.


