Тутунот е труд што се создава во текот на целата година. Затоа СЕКЕ Прилеп ги повикува тутунарите да го третираат на правилен начин, со одобрени препарати и со почитување на препорачаните правила за заштита.
Во препораките се наведува дека против плевели треба да се користи Chlomazone, против штетни инсекти Sivanto Prime, а против болести Rival. Со правилна употреба на одобрените препарати се штити квалитетот на производот и се намалуваат ризиците при откупот.
СЕКЕ Прилеп посочува дека неодобрените и непрепорачани препарати можат сериозно да го нарушат квалитетот на тутунот. Токму затоа тутунарите треба да внимаваат што користат, кога прскаат и како ја одржуваат опремата.
Потребно е да се почитуваат дозите и времето меѓу прскањето и бербата. При третирање треба да се носат ракавици, маска и заштитна облека. Не треба да се јаде и пие за време на третманот, не треба да се прска при ветер, а по третманот треба да се изврши миење.
Препаратите треба да се чуваат во оригинална амбалажа, на суво и безбедно место, надвор од дофат на деца. Опремата за прскање треба редовно да се сервисира и правилно да се одржува.
За сите активности поврзани со производството на тутун, агрономите и експертите од СЕКЕ Прилеп се достапни за консултации.


