Силна бура проследена со историски незапаметен дожд ја погоди Словенија, со посебен акцент на областа Халозе и општината Жетале, каде што се предизвикани огромни материјални штети на јавни и приватни објекти.

Градоначалникот на општина Жетале, Матјаж Копше, излезе со застрашувачки првични податоци од терен кои ја покажуваат силината на невремето. За краток временски период наврнале дури 117 литри дожд на квадратен метар.

„Бурата активираше околу 50 свлечишта низ целата општина. Оштетени се два државни и еден општински мост, како и поголем дел од патната инфраструктура. Поплавени се и бројни станбени и деловни згради, а една куќа во местото Черможи е во непосредна опасност да биде проготана од свлечиште.“

Сите спасувачки служби се максимално мобилизирани и работат под итен протокол.

„Надлежните служби, цивилната заштита, противпожарните тимови и работниците за патишта се веќе на терен и ги спроведуваат првите итни мерки за да се обезбеди безбедноста на луѓето и да се обноват сообраќајните врски“, изјави Копше, пренесува агенцијата СТА.

Локалната самоуправа упати апел до граѓаните да бидат крајно претпазливи, да ги почитуваат блокадите на патиштата и задолжително да го фотографираат својот оштетен имот пред да започне официјалната проценка на штетите.

Exit mobile version