Реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово е дел од визијата за град со поквалитетна инфраструктура, повеќе спортски објекти и подобри перспективи за новите генерации, соопштија денеска од коалицијата ВЛЕН.
Од ВЛЕН посочуваат дека на Тетово не му се потребни бескрајни ветувања, туку конкретни проекти што добиваат форма и даваат видливи резултати за сите граѓани.
„За ВЛЕН, модернизацијата на стадионот е доказ за пристап кој се фокусира на конкретни проекти и инвестиции што создаваат нови можности за граѓаните. Овој проект под раководство на Билал Касами има за цел да создаде подобри услови за развој на фудбалот за клубот Шкендија, младите спортисти и навивачите кои ја одржаа жива страста за тетовскиот фудбал низ годините“, се истакнува во партиското соопштение.
Од коалицијата додаваат дека градот заслужува подобри услови за развој на спортот и младите таленти, наместо запоставени објекти.
„Тетово заслужува повеќе од запоставени стадиони и млади без соодветни спортски објекти. Заслужува инвестиции, модерни стандарди и можности за млади таленти да се развиваат во достоинствени услови. ВЛЕН ќе продолжи да поддржува проекти што му даваат на градот нов изглед, на спортот перспектива, а на младите причина да веруваат во иднината“, порачуваат од ВЛЕН со пораката „помалку зборови, повеќе дела“.


