Владата на денешната седница ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит.
Со овој чекор, како што соопштуваат од Министерството за правда, се обезбедува независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на предложеното решение со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Во рамките на постапката за евалуација, известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
За време на престојот на експертите предвидени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје, како и на усниот дел во просториите на Министерството за правда.
Предложениот модел предвидува воведување единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Венецијанската комисија, која функционира како советодавно тело на Советот на Европа во кое се застапени 61 држава членка, треба да ја обезбеди независната експертска перспектива за предлог-законот.
Од Министерството за правда ја истакнуваат заложбата за донесување на законските измени:
„Нашата определба е јасна: законите да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а решенијата да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа.“

