Британските власти најавија дополнително заострување на мерките во образованието, според кои од септември 2027 година во училиштата во Англија целосно се забранува присуството на мобилни телефони, дури и нивното носење во ранците или џебовите.
Со новите насоки на владата, пристапот до мобилните уреди ќе биде оневозможен во текот на целиот престој на учениците во училиштето. Додека досегашните правила дозволуваа телефоните да бидат исклучени во ранците, истакнатите правно обврзувачки насоки од јуни сега се надградуваат со уште построги ограничувања.
Порака за целта на оваа одлука упати министерката за образование Луси Пауел:
„училиштата треба да бидат места за стекнување знаење и создавање пријателства, а не за постојано користење мобилни уреди и прелистување содржини.“
Начинот на спроведување на забраната ќе зависи од самите училишта. Дел од нив користат практики на собирање на уредите пред почетокот на часовите или целосна забрана за донесување, а одделни установи веќе инвестирале во безбедни шкафчиња и специјални футроли со заклучување.
Во Манчестер, Академијата за момчиња „Берниџ“ веќе одвоила 20.000 фунти (околу 23.000 евра) за набавка на метални детектори и футроли за ограничување на пристапот до уредите.
Директорот на академијата, Карл Харисон, посочува дека и покрај почетниот отпор кај дел од учениците, мерката дала позитивни ефекти во меѓусебната социјализација, зголеменото внимание на часовите и подобрувањето на оценките.
Од друга страна, наставничките синдикати и здруженијата на раководители реагираат дека за успешно спроведување на овие построги правила на терен ќе биде потребна соодветна финансиска помош од државата.

