Опозициската СДСМ преку пратеникот Митко Трајчулески упати остри критики до економските и фискалните политики на Владата, реагирајќи на законското решение за ново задолжување на државата кај комерцијалните банки по скратена постапка.
Трајчулески од собраниската говорница посочи дека на седницата не присуствувала министерката за финансии, обвинувајќи за брутално кршење на процедурите и деловникот во законодавниот дом со цел да се изгласа ова задолжување.
Според опозицијата, ваквиот чекор е резултат на погрешното буџетско планирање на јавните приходи и расходи, за што, како што рече, претходно алармирал и Фискалниот совет.
„Најновите истражувања на ММФ покажуваат дека, поаѓајќи од оптимистичките проекции на јавните приходи и повисоките тековни расходи, додека инвестициите во инфраструктурата задоцнуваат, буџетските дефицити ги преминуваат поставените таргети и граници. Создадената разлика ја намалува фискалната дисциплина и ја редуцира сигурноста. Затоа, зајакнувањето на буџетскиот кредибилитет преку подобро предвидување, подобра контрола врз јавните расходи и подобрување на институциите помага во економската стабилност и развој.“
Во однос на претходната фискална година, Трајчулески потенцираше дека реализацијата на капиталните расходи изнесувала нешто над 50%, што според него е најнизок процент досега, додавајќи дека државата оставила долг кон приватните компании од над 600 милиони евра и неисплатен поврат на ДДВ во износ од 150 милиони евра.
Критики беа упатени и за унгарскиот кредит од една милијарда евра, каде според опозицискиот пратеник, од предвидените средства за општините се реализирани околу 20%, додека за кредитната линија наменета за фирмите нема транспарентност за тоа кои компании ги добиле субвенционираните средства.
Како клучна причина за финансиските проблеми, Трајчулески ја лоцираше неефикасноста на владините институции и носителите на јавни функции, при што заклучи дека ова задолжување е само почеток на потежок период.
„И ова не е крај, туку ова задолжување денес е почеток на една финансиска агонија за оваа држава, која ќе видиме како на крајот ќе заврши“, истакна пратеникот на СДСМ.


