Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во Охрид оствари средба со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој предводи висока владина делегација во официјална посета на земјава. Главна точка на состанокот беше потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете влади.
Како што појасни премиерот Мицкоски, разговорите опфатиле серија теми од билатерален интерес, вклучувајќи ги економијата, инфраструктурата, енергетиката и евроинтеграциите, со порака дека односите меѓу Скопје и Загреб се подигнуваат на повисоко ниво.
Мицкоски во своето обраќање ја образложи важноста на новиот билатерален документ:
„Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави. Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани.“
Според претседателот на Владата, новата рамка ќе овозможи развој на конкретни проекти во транспортот, ИТ секторот, здравството, одбраната и цивилната заштита, со цел да се обезбедат видливи економски придобивки.
Покрај стратешкиот договор, ресорните министерства потпишаа и Меморандум за разбирање и соработка во енергетскиот сектор, со цел зајакнување на енергетската безбедност.
Во однос на евроинтегративниот процес, премиерот потсети на заедничкиот почеток на двете земји и ги коментираше актуелните пречки на патот кон Европската Унија.
„Нашиот пат кон ЕУ за жал е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес, но сакаме да веруваме во Европа на вредности, Европа на принципи, Европа која препознава реформи, посветеност и резултати“, истакна Мицкоски.


