Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, за време на денешната официјална посета на земјава, даде позитивна оценка за македонскиот напредок во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија, но посочи дека спорот со Софија останува главна пречка.

На заедничката прес-конференција во Охрид со премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, хрватскиот премиер истакна дека се очекуваат првите чекори по завршувањето на изборите во Бугарија.

„Бугарија имаше избори. Имаме стар претседател и нов премиер, господинот Радев, па ги очекуваме првите контакти, првите чекори што ќе ги направите на тоа ниво. Го следиме дијалогот што го имавте на министерско ниво и ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат пречките што постојат во тој процес – рече Пленковиќ.“

Хрватскиот премиер се осврна и на нон пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц околу новите планови за проширување на Унијата, оценувајќи дека размислувањата во Берлин се насочени кон Украина, но дека не смее да има селективен пристап кон кандидатите.

„Што се однесува до писмото на канцеларот Мерц, тоа за мене не е неочекувано. Тоа е плод, би рекол, на повеќемесечни размислувања, кои долго се присутни во Берлин. Ние за тоа разговаравме на самитот во Загреб, тоа беше самит на нашите сестрински партии од семејството на Европските народни партии (ЕПП), каде што беше сосем јасно дека очекувањата во тоа писмо, пред сè, се однесуваат на европската перспектива на Украина. Нема да може да излезат во пресрет на она што Украина го преживувала, особено во контекст на мировните преговори иницирани од страна на Соединетите Американски Држави, кои подразбираат полноправно членство – истакна Пленковиќ.“

Според Пленковиќ, Загреб останува на позицијата дека економскиот модел на соработка не смее да креира привилегии за едни на сметка на стагнација на други земји од Југоисточна Европа.

„Во тоа писмо, секако, се споменуваат и други земји, односно барем подрачјето на Југоисточна Европа за кое исто така би требало да се пронајде решение. Позицијата на Хрватска е многу јасна цело време. Ако се откажеме од концепцијата на таканаречените индивидуални заслуги за секоја земја посебно, ако се прават некакви кратенки, односно пократки патишта, или ако се трансформира перспективата за членство – во овој случај најмногу за Украина – во нешто што повеќе личи на статусот што го имаат земјите што го склучиле таканаречениот европски економски договор или нешто што порано го имаше ЕФТА, но сепак со подигнато институционално учество, тогаш мораме да гледаме како тоа се однесува и на сите други. Значи, не може да има кратенки за едни, а бавност за други. Тоа е првата позиција – посочи Пленковиќ.“

Тој додаде дека прашањето за специфичното решение и за капацитетите на државите ќе биде предмет на сериозна дебата на претстојните самити во Црна Гора и во Брисел.

„Сите други се помали и по број на население, а и помалку се сложени во смисла на нивното влијание врз буџетските импликации на Европската Унија и врз клучните секторски политики, како што се земјоделството или регионалниот развој, односно кохезивната политика. Затоа се бара едно специфично решение и за тоа ќе расправаме, верувам, следната неделам најпрвин во Црна Гора, а потоа и на редовниот состанок на Европскиот совет, кој ќе се одржи во средината на јуни во Брисел – рече Пленковиќ.“

Exit mobile version