Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави отпочнување на голема теренска акција која ќе ги опфати сите скопски општини. Целта на посетите е директен увид во проектите и остварување средби со локалното население.
Како што информираше Ѓорѓиевски, на терен со него ќе бидат присутни и раководните лица на градските јавни претпријатија, со цел брзо решавање на лоцираните проблеми.
Тој преку социјалните мрежи ги сподели деталите за оваа иницијатива:
„Започнуваме голема теренска посета во сите скопски општини! Почитувани, Скопје се гради со работа, со збор што се исполнува и со гласот на граѓаните. Вашиот глас, вашите потреби и вашите барања се нашата водилка во визијата за достоинствено, уредено и модерно Скопје. Затоа, започнуваме досега најголема теренска посета низ сите скопски општини. Доаѓаме директно кај вас, во вашата општина. Ќе ги слушнеме проблемите од лице место, ќе направиме увид во проектите што се започнати, ќе разговараме за она што треба да се реализира и ќе ги решаваме работите таму каде што најмногу значат, меѓу граѓаните. Заедно со мене ќе бидат и директорите на јавните претпријатија на Град Скопје, како и претставници од градските сектори, за граѓаните директно да постават прашања, да дадат предлози и да добијат конкретни одговори, но и брза реакција, брзо решение.“
Скопскиот градоначалник даде кус осврт и на сработеното во изминатиот шестмесечен период од неговиот мандат.
„Теренот е мојата природна средина. Меѓу народот, очи во очи со граѓаните, таму каде што се гледаат реалните проблеми и каде што се носат вистинските решенија – таму се чувствувам дома. За само шест месеци успеавме да откочиме, започнеме и реализираме бројни проекти кои со години беа заборавени, заглавени или оставени без волја за работа. Денес, Скопје е големо градилиште. Град во кој се работи, се создава и се испишува нова историја – поубава, посилна и подостоинствена за секој скопјанец. Започнуваме од Кисела Вода. Дом на култура „Билјана Беличанец“ 27.05.2026, 19:30 часот“, стои во неговата објава.


