Најголемите аеродромски центри во Обединетите Арапски Емирати, Меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB) и „Ал Мактум“ (DWC), од денеска се целосно парализирани. Властите ги прекинаа сите операции на неодредено време како директна последица на воената ескалација во регионот и иранските ракетни напади.
„Аеродромите во Дубаи потврдуваат дека сите летови на Меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB) и Дубаи Ворлд Централ, Ал Мактум Интернешнл (DWC) се прекинати до понатамошно известување. На патниците им се советува да не доаѓаат на аеродромот во овој момент и директно да ги контактираат своите авиокомпании“, се вели во официјалното соопштение.
Ситуацијата на терен е драматична, со силни детонации кои се слушале во Дубаи, Абу Даби и Бахреин. Сведоштво за ужасот пренесе и една државјанка на Словачка која моментално престојува таму.
„Слушнавме силна експлозија во далечината, проследена со звуци во воздухот“, изјави таа за ТАСР, додавајќи дека на небото биле забележани и воени авиони.
Министерството за одбрана на ОАЕ го осуди нападот како „дрска“ и „опасна ескалација“, потврдувајќи дека нивната одбрана дејствувала ефикасно, иако остатоци од ракета усмртиле еден цивил во Абу Даби. Нападите биле насочени кон стратешките бази „Ал Дафра“, „Ал Удеид“ и седиштето на американската Петта флота во Бахреин.
Dubai International Airport has been paralyzed
— NEXTA (@nexta_tv) February 28, 2026
Flights have been suspended indefinitely. pic.twitter.com/vlyvCC86Ct


