На денешното рочиште за случајот „Пулс“, одржано во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, вештакот Петре Русески остана на ставот дека од градежен аспект објектот на дискотеката не претрпел реконструкција ниту пренамена, туку се работело исклучиво за внатрешно ентериерно уредување. Обвинителството пак укажува на градење без проект, посочувајќи дека со интервенциите дискотеката добила 88 м² дополнителен внатрешен простор без изработен проект за статика.
Според Русески, изведбата на надворешните железни скали за влез во дискотеката претставува браварско-занаетчиски зафат кој функционира како независен елемент.
„За овие занаетчиски работи не е потребна инспекција ниту посебно одобрение согласно Законот за градење, со оглед на тоа што нема интервенција на градежната конструкција на објектот“, истакна вештакот Русески.
Тој појасни дека при почетната изградба биле испочитувани сите законски норми, бил извршен технички прием и била издадена дозвола од Министерството за транспорт и врски. Во 2012 година, при промената на дејноста, објектот ја задржал деловната намена и конструктивните карактеристики, а за исполнување на минимално-техничките услови биле изработени елаборати за заштита од пожари, заштита и здравје при работа и сообраќајно решение.
„Апсолутно на почетокот на градбата на објектот испочитувани се сите законски норми потребни за да се добие одобрение за градба согласно законот за инвестициски објекти и согласно кој е извршен технички прием и издадена дозвола од Министерството за транспорт и врски дека објектот може да се користи како деловен. Во 2012 година се променила дејноста при што објектот останува со својата деловна намена и останува со своите конструктивни карактеристики и нема никаква промена ниту на градбата и инсталациите и се работи за внатрешно ентериерно уредување. За потребите за исполнувања на минимално-технички услови потребно е да се изработат елаборати за безбедност и заштита од пожари, сообраќајно решение, а кои елаборати се дел од основниот проект. Што значит дека немаме реконструкција, не се потребни да се изработуваат на веќе постоечки објект. Тоа што било потребно во тој момент е изработено“, изјави вештакот.
Од друга страна, Обвинителството потенцираше дека проектната документација ги немала поминато сите потребни фази, ревизии и одобренија за да се смета за законита, посочувајќи дека влезот кој првично служел за дотур на стока подоцна бил пренаменет за влез на посетители.
На ваквите тврдења остро реагираа родителите на загинатите. Александар Наунов, во изјава за медиумите на паузата од судењето, истакна дека изведените градежни зафати не може да се третираат како обични занаетчиски работи со цел да се избегне одговорноста за градење без одобрение.
„Челични столбови, метални конзоли, зајакнување на меѓукатната конструкција, промена на фасадата… Но, реконструкција немало, сето тоа било занаетчиски работи. Очигледно погрешно сме го разбрале Законот за градење. Да градиме без одобрение, а потоа да тврдиме дека сме работеле само занаетчиски зафати. Според ваквата логика, и Бурџ Калифа во Дубаи би можела да се прогласи за занаетчиска работа. Овде не се расправа само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и 63 мртви деца што никогаш нема да се вратат. Вистината не се реконструира според потребите на одбраната, таа се утврдува со докази“, изјави Александар Наунов.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

