Марија Митева, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК, на денешната панел-дискусија во рамки на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“, изјави дека со предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се прави значаен исчекор кон поефикасен институционален систем, кој наместо да ја остава жртвата сама да се справува со последиците од насилството, ја става во центарот на заштитата.
„Сакам да бидеме јасни дека апсолутно како Унија на жени застануваме против насилството со сите свои механизими, дека ќе зборуваме, ќе се обидеме да делуваме превентивно, дека ќе се обидеме да ја поткренеме свеста против овие појави, дека ќе се обидеме да ги охрабруваме жртвите да ги пријавуваат насилниците, дека „ќе им дишеме во врат”, практично кажано на институциите, побрзо и подостојно да реагираат во секое време, но се разбира дека и од нас се очекува како УЖ да преземеме конкретни чекори“, изјави Митева.
Митева истакна дека делувањето на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочено кон решавање на реалните проблеми, а не кон празна политичка реторика. Во таа насока, Митева најави дека во претстојниот период ќе биде воспоставена телефонска линија за бесплатна правна помош наменета за жртвите на семејно насилство. Таа објасни дека преку соработката со правната комисија во рамки на партијата, на жртвите ќе им бидат достапни бесплатни правни консултации, информации за нивните законски права и стручна помош за полесно остварување на заштитата и снаоѓање во институционалните постапки.
„Сакам во оваа прилика да најавам и да се заблагодарам на претседателот Мицкоски за поддршката, дека Унијата на жени во следниот период ќе објави телефонски број, телефонска линија за пријавување на насилство, се со цел да се обезбеди бесплатно правно советување, правни совети и правна помош за жртвите од семејно насилство. Сето тоа ќе го разработиме со правната комисија во рамки на партијата, ќе им дадеме, пред се насока, како тоа треба да постапат во моментите кога се чувствуваат безнадежни, во моментите кога имаат страв од тоа што следи, во моментите кога не ги знаат процедурите или не знаат точно каде да се обратат, кога стравуваат за својот живот, за животот на своето дете, ќе успееме се разбира во согласност на достоинствен и на доверлив начин истото тоа да го го направиме преку соодветни правни механизми коишто ќе ги ставиме на располагање“, изјави Митева.
Митева додаде дека Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со иницијативи кои значат директна поддршка и реална помош, затоа што, како што кажа, политичката одговорност се докажува преку дела, а не преку декларации.

