Утре, со почеток во 9:30 часот, започнува судењето за големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Првото рочиште е закажано во судницата на Казнено-поправната установа (КПУ) Идризово. Процесот ќе се одвива под засилени безбедносни мерки и со присуство на лекарска екипа.
Случајот опфаќа вкупно 38 обвинети, од кои 35 физички и три правни лица. Обвинети се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, вклучувајќи сериозни пропусти во организацијата на обезбедувањето на објектот.
Судот најави дека постапката ќе се води со темпо од две рочишта неделно. Процесот ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а Обвинителството ќе биде застапувано од проширен тим составен од 15 јавни обвинители, со цел да се обезбеди ефикасна и фер постапка.
Судот апелираше до медиумите за достоинствено известување без сензационализам, со почит кон жртвите и нивните семејства.

