Охрид денеска е домаќин на меѓународна конференција посветена на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови и нивната улога во заштитата на владеењето на правото. Настанот е во организација на Уставниот суд на Македонија и се одржува во рамките на четвртиот Годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови (BCCF).
Конференцијата ќе ја отворат високи домашни и меѓународни претставници. Свои обраќања ќе имаат претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за правда Јетон Шасивари и амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, кој ќе се вклучи преку видеоврска.
Воведното излагање ќе го одржи претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер, кој ќе говори за значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови.
Во фокусот на трите тематски сесии ќе бидат довербата на граѓаните во уставните судови, предизвиците на уставното судство во дигиталната ера и начините за поефикасна заштита на уставните права.
Меѓу учесниците се најавени потпретседателката на Венецијанската комисија, Рената Дескоска, членот на оваа комисија, Мартин Кујер, како и судијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Садет Јуксел.
На собирот ќе присуствуваат и претседатели на уставните судови од Турција, Бугарија, Црна Гора, Косово и Египет, како и судии и правни експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија и други земји.
Од македонскиот Уставен суд свои излагања ќе имаат и уставните судии Ана Павловска-Данева, Татјана Васиќ-Бозаџиева и Осман Кадриу.
Целта на конференцијата е размена на искуства и ставови за актуелните прашања во уставното судство, зајакнување на соработката меѓу институциите од регионот и пошироко, како и унапредување на механизмите за заштита на уставноста и владеењето на правото.

