Полициски службеници од СВР Тетово вчеравечер го лишиле од слобода 23-годишниот Р.Е. од Тетово, кој е посочен како водач на навивачка група. Тој е приведен во 20:10 часот во тетовската населба Дреновец под сомнение за насилен инцидент.

Според МВР, настанот се случил нешто порано, околу 19:20 часот на улицата „Иво Лола Рибар“. Осомничениот, заедно со уште неколку лица кои носеле маски на главите, физички ги нападнале А.Ј. (22) и Д.П. (22), двајцата жители на Скопје.

Во нападот биле користени тврди предмети, при што А.Ј. се здобил со повреди. Освен физичкиот напад, групата го оштетила и патничкото возило „мазда 3“ со кое се превезувале оштетените. Р.Е. е задржан во полициска станица, извршен е увид на местото на настанот и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Exit mobile version