Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен акт против поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Како што открива истрагата, Стафа, кој сега работи како адвокат, во периодот од октомври до 13 декември минатата година примил вкупен износ од 50.000 евра од свој клиент. Намерата била тој да посредува и да го искористи своето реално влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје, со цел преку давање поткуп да издејствува незаконско службено дејствие.
Позадината на овој случај води до познатиот предмет „Синџир“. Имено, лицето за кое Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е неговиот клиент Љупчо Пецов, во јавноста познат како Ѓаволот, кој е осомничен во овој предмет. Како негов бранител, Стафа претходно поднел барање мерката притвор да биде заменета со куќен притвор во отсуство на Пецов, нудејќи и соодветна гаранција.
Поранешниот државен правобранител беше уапсен на 13 декември. При лишувањето од слобода, полицијата ги пронашла и одземала паричните средства наменети за поткупот.
Од Обвинителството информираат дека до Основниот кривичен суд Скопје е доставен и предлог за продолжување на мерката за обезбедување присуство која претходно му била одредена на обвинетиот Стафа, бидејќи околностите за нејзино изрекување останале неизменети.


