Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска излезе со сериозни обвинувања за наводна поврзаност на премиерот Христијан Мицкоски во бизнис мрежа во енергетскиот сектор. Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на партијата, на прес-конференција истакна дека се работи за „внимателно плетен систем во кој се поврзани политиката и бизнис интересите“.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ ја разоткри целата бизнис мрежа на Христијан Мицкоски во енергетиката. Овој енергетски ‘октопод’ на Мицкоски има длабоки и широки пипци“, обвини Фрчкоски пред медиумите.
Презентирајќи ја шемата, тој директно посочи конкретни имиња и институции кои, според СДСМ, се дел од овој систем кој води до самиот врв на Владата.
„Од Душан Адамовиќ, функционер на СНС, навивач, човек со криминално минато и почесен конзул, преку офшор структури на Кипар води до ‘Rudnap Group’ на Војин Лазаревиќ, а се вмрежува директно со Владата преку министерката Сања Божиновска“, се наведува во презентираното соопштение.
Фрчкоски објасни како оваа мрежа наводно ја презема контролата врз сите клучни сегменти – од финансии до производство и регулација на цената на струјата.
„Мрежата се шири: Во Развојната банка, каде Мицкоски ја поставува Ефимија Димовска, сопруга на неговиот бизнис партнер во хидроцентралите. За секој бизнис потребна е банка. Во РЕК Битола, каде директор станува Иван Куковски, близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Таму се контролира производството на струја. И конечно – во Регулаторната комисија за енергетика, со изборот на Ацо Ристов каде се носат одлуките за цените.“
„Сите алки се на место: Од производство и увоз на струја, преку финансии, до регулација“, констатираат од СДСМ.
На крајот од прес-конференцијата, беше упатен остар и директен повик до новиот Јавен обвинител.
„Го потсетуваме новиот Јавен обвинител: Поминаа 3 месеци, време е за постапување, доста беше молк! Три месеци нема никаква реакција за сериозни скандали и индиции за криминал кои беа јавно објавени од АКТ. Очекуваме итно постапување и за бизнис шемите на Мицкоски во енергетиката. Да не чекаме уште три месеци, па повторно да дознаваме апсурди – дека на некого татко не му е татко.“


