Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) излезе со серија конкретни предлози насочени кон владите, компаниите и домаќинствата, со цел да се ублажи огромниот притисок врз цените на нафтата. Овој чекор, како што пренесува Ројтерс, доаѓа како директен одговор на енергетската криза и глобалните стравувања од инфлација предизвикани од војната меѓу САД и Израел со Иран.

За да се намали побарувачката и да се заштитат потрошувачите, ИЕА предлага радикални промени во секојдневните навики, вклучувајќи масовна работа од дома, избегнување на авионски патувања кога постојат алтернативни опции за транспорт, како и намалување на максималната брзина на автопатите за најмалку 10 километри на час.

Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, истакна дека Агенцијата веќе презела историски чекори за стабилизирање на пазарот преку ослободување на нафта од стратешките резерви.

„Неодамна го започнавме најголемото досега ослободување на нафта од резервите за итни случаи на ИЕА. Јас сум во постојан контакт со клучните глобални влади, вклучувајќи ги и големите производители и потрошувачи на енергија, како дел од нашата меѓународна енергетска дипломатија“, изјави Бирол.

Тој појасни дека само интервенциите на страната на понудата не се доволни, поради што е неопходна акција и на страната на побарувачката.

„Дополнително, денешниот извештај утврдува низа конкретни и веднаш применливи мерки што владите, компаниите и домаќинствата можат да ги преземат на страната на побарувачката за да ги заштитат потрошувачите од ефектите на оваа криза“, додаде директорот на ИЕА.

Претходно, на 11 март, ИЕА донесе одлука за ослободување на рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за да се спречи наглиот ценовен шок, при што најголемиот дел од овие резерви ќе бидат обезбедени од Соединетите Американски Држави.

Exit mobile version