Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати срдечна честитка до поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, до членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и до сите граѓани од исламска вероисповед по повод големиот празник Рамазан Бајрам.

Во своето обраќање, претседателката истакна дека овој голем празник претставува многу повеќе од обична традиционална прослава или придржување до норми.

„Рамазан Бајрам е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов“, се вели во честитката на Сиљановска-Давкова, каде што се додава дека енергијата и топлината на светиот месец не се присутни само во исламските објекти и домови, туку се чувствуваат и во целата заедница.

Таа посебно се осврна на актуелниот глобален контекст, испраќајќи силна порака за обединување на граѓаните.

„Во време когa целото човештво се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина“, потенцира претседателката.

На крајот од честитката, Сиљановска-Давкова повика на негување на пријатната атмосфера во текот на целата година, преку благост, солидарност и емпатија, завршувајќи со традиционалниот поздрав: „Бајрам Шериф Мубарек Олсун. Благословен и честит нека е празникот Рамазан Бајрам“.

Exit mobile version