Европските берзански индекси денеска бележат раст, додека цените на нафтата од типот Брент забележаа благ пад, стабилизирајќи се на околу 107 долари за барел. Сепак, енергетскиот пазар останува под силен притисок поради тековниот конфликт на Блискиот Исток кој предизвика значителни прекини во снабдувањето. Според податоците на „Блумберг“, цената на Брент нафтата скокнала за повеќе од пет проценти само оваа недела, а неверојатни 50 проценти од почетокот на месецот.

Делумно смирување на пазарите донесе изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој најави дека Израел ќе се воздржи од понатамошни напади врз иранската енергетска инфраструктура. Како што пренесува CNBC, Нетанјаху истакнал дека Иран ја изгубил способноста за збогатување ураниум и производство на балистички ракети.

Дополнителен сигнал за деескалација испрати и американскиот претседател Доналд Трамп, кој отфрли можност за распоредување копнени трупи во регионот. Паралелно, американскиот министер за финансии Скот Бесант посочи на можен внатрешен колапс на иранскиот режим, откривајќи дека Вашингтон ја истражува можноста за укинување на санкциите за иранската нафта.

Овие геополитички пораки веднаш се одразија на берзите. Во 9:30 часот наутро, цената на американската лесна сурова нафта (WTI) падна на 94,33 долари за барел, додека Брент нафтата се тргуваше за 107,23 долари. На отворањето на берзата TTF во Амстердам, европските фјучерси за гас за април се продаваа по цена од 60,82 евра за мегават-час.

Во исто време, европските берзи отворија во „зелено“. Индексот DAX во Франкфурт порасна за 1,01 отсто (23.093 поени), францускиот CAC 40 за 0,75 отсто (7.866 поени), британскиот FTSE 100 за 0,42 отсто (10.105 поени), а рускиот MOEX за 0,44 отсто (2.881 поени).

На валутните пазари, еврото благо ослабе во однос на доларот (1,1578 долари), додека цената на златото се искачи на 4.722,45 долари за тројанска унца. Спротивно на европскиот оптимизам, американскиот Волстрит го затвори вчерашното тргување со пад на клучните индекси – Дау Џонс падна за 0,44 отсто, S&P 500 за 0,27 отсто, а Насдак за 0,28 отсто.

Exit mobile version