Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина нема долго да опстане во војната со Русија доколку изостане воената опрема и вооружување од Соединетите Американски Држави, пренесуваат странските медиуми.
Зборувајќи пред новинарите во Белата куќа, шефот на државата го потенцираше огромниот обем на досегашната финансиска и воена поддршка што Вашингтон ја испорача за Киев.
„Да не беше нашата армија и нашата опрема, Украина денес немаше да може да се бори за опстанок. Им дадовме опрема вредна стотици милијарди долари и најдобра опрема. И произведуваме најдобра опрема во светот. Без неа, тие немаше да издржат ниту еден ден или два“, рече Трамп.
Во својата изјава Трамп се осврна и на противтенковските ракети, алудирајќи на системите „Џавелин“ кои беа продадени на Украина за време на неговиот прв претседателски мандат.
„Се сеќавате на противтенковските ракети? Кога тенковите се заглавија во калта, а потоа ги поправија, бум-бум-бум-бум. Јас им го дадов тоа. Беше кажано: ‘Обама даде чаршафи, а Трамп даде едно од најдеструктивните оружја’“, рече американскиот претседател.
Овие коментари доаѓаат откако Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа преку посебна постапка го усвои новиот закон кој обезбедува следен пакет воена помош за Украина, како и воведување нови санкции против Русија.
Истовремено, американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наскоро се очекува официјална објава за испраќање на нова воена помош вредна 400 милиони долари, која веќе ја има добиено поддршката од Конгресот.


