Елеонор Барнфилд (47), мајка на две деца, почина откако со сериозни убодни рани влегла во својот автомобил во обид сама да стигне до болница, по што ја изгубила свеста и се удрила во ѕид. Трагичниот инцидент се случил во дом за стари лица во Бриџенд, Јужен Велс, каде што таа била вработена.
Медицинските екипи првично пристигнале на местото на сообраќајната несреќа мислејќи дека се работи за обичен судир, но веднаш забележале дека жената има убодни рани од нож. По префрлањето во болница, лекарите само констатирале смрт.
Според полициските информации, нападот се случил во комплекс за социјални станови за лица над 60 години. По инцидентот, 61-годишниот осомничен се забарикадирал во една од собите, по што специјалните полициски единици го блокирале реонот и ги евакуирале преостанатите жители. По повеќечасовна опсада, полицијата упаднала низ прозорецот и го лишила од слобода под сомнение за убиство.
Случајот предизвика бранувања во јавноста и поради тврдењата на соседите за пропусти во службата за итна медицинска помош. Според нивните изјави, на повредената жена по нападот ѝ било соопштено дека ќе треба да чека и до три часа за возило на брзата помош, поради што таа сама се обидела да стигне до најблиската здравствена установа.

