Папата Лав XIV стана првиот поглавар на Римокатоличката црква кој гласал на општите избори во Соединетите Американски Држави, откако гласал по пошта пред ноемвриските конгресни избори, потврди Ватикан во петокот, објави DW.
71-годишниот папа, кој е американски државјанин роден во Чикаго, Илиноис, како Роберт Франсис Превост, поднел барање за гласање по пошта на 3 октомври, објавија американските медиуми.
Прес-службата на Светата столица соопшти дека папата „го остварил своето право да гласа како граѓанин на Соединетите Американски Држави“, додавајќи дека го сторил тоа „секогаш кога имал право да го стори тоа“.
Записите на Државната изборна комисија на Илиноис покажуваат дека Роберт Превост гласал на сите општи избори од 2000 година, освен на изборите во 2020 и 2022 година. Тој исто така учествувал и на пет внатрепартиски избори.
Додека служел како епископ во Перу, папата Лав добил и државјанство на таа јужноамериканска земја, а од Ватикан соопштија дека тој гласал таму секој пат кога имал право.
„Светиот Отец верува дека граѓаните имаат право, но и должност, да учествуваат во демократските процеси“, изјави портпаролот на Ватикан, кој самиот претставува апсолутна монархија и не одржува политички избори.
Сè уште не е познато за кого гласал Папата Лав, но од почетокот на неговиот понтификат пред година и пол, тој постојано се судира со претседателот Трамп и неговата администрација.
Папата го критикуваше Трамп за неговата војна во Иран, неговата имиграциска политика и неговиот став кон слободата на медиумите, а претходно оваа година одби покана да присуствува на прославата на 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави.
Двајцата лидери сè уште се немаат сретнато лично, но Трамп честопати јавно го напаѓаше папата, нарекувајќи го „слаб“ и тврдејќи дека е под влијание на „радикалната левица“.
„Не се плашам од администрацијата на Трамп, ниту ќе се двоумам гласно да зборувам за пораката на Евангелието, за која се залага Црквата“, рече Папата за време на посетата на Алжир во април.

