„Како општество, еднаш засекогаш, мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме отворено. Јас ќе говорам со бројки, бројки коишто за жал, позади себе имаат име, презиме, загубен човек, многу болка и тага“, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на вечерашниот настан во рамки на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“, во организација од Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека бројот на фемициди за 20026 година е седум и дека сите ги знаат со име и презиме кои се, а исто толку, седум имало и во 2022 година.
„Памтите некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памти име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство 2018 година. Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, го разбирам незадоволството, го разбирам разочарувањето, но дали некој од тие памти име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година“, запраша Тошковски.
Тој додаде дека мораме отворено да говориме за оваа тема, ова е едно од најголемите општествени зла коишто ги има во Македонија и ако тоа го признаеме ќе биде многу полесно за во иднина да видиме што треба да направиме, како да го направиме.
„Дали полицијата е таа којашто е единствена во рамки на системот општествен којшто треба да делува или има и други институции коишто треба да го дадат своето, невладини организации, а пред се би тргнал од семејството. Претпоставува дека и по четврт пат ќе има барање за интерпелација за период од две години за министерот на внатрешни работи, но не се сеќавам дека некој од оние коишто сега од петни жили се обидуваат да ја префрлат вината на министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, во 2022 кога исто сме имале седум фемицид, истите тие коишто денес се најгласни да побарале оставка од тогашниот министер. И тоа е нивно право, но тие лажејќи се себеси се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова коешто го прават и ова коешто денес, за нив е најголем приоритет бил и во 2022, бил и во 2018 година. Ама кога тие биле на власт, тогаш не бил, но и тогаш седумте жртви на фемицид имале име и презиме, како што имаат и денес“, рече Тошковски.
За разлика од тогаш, ние денес дејствуваме, рече Тошковски, така што во 2026 година е сменет Кривичниот законик со кој се предвидува телесната повреда да биде кривично дело коешто по службена должност постапува Министерството за внатрешни работи.

