Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска традиционално присуствуваше на почетокот на новата академска година на Факултетот за безбедност – Скопје, каде им се обрати на студентите и им го честиташе првиот студентски ден.

Тошковски порача дека знаењето што студентите ќе го стекнат во текот на студирањето треба да им овозможи во иднина успешно да одговорат на безбедносните предизвици и да бидат додадена вредност за безбедносните институции и за државата.

„Сигурен сум дека со она знаење коешто ќе го стекнете во рамки на Факултетот за безбедност Скопје ќе може да одговорите соодветно на сите предизвици и дека ќе може да бидете додадена вредност во Македонија во иднина и се надевам дека таквото знаење ќе ве задржи во Македонија“, истакна Тошковски.

Пред студентите министерот соопшти и конкретна новина во однос на нивните идни можности за професионален ангажман. Тој најави дека во текот на следната недела Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност ќе го потпишат првиот договор со кој ќе се овозможи најдобриот студент да стане дел од МВР.

„Конечно можам да кажам дека законските услови за да го имплементираме се овозможени од оваа година, односно за неколку дена, во текот на наредната недела, со Факултетот за безбедност ќе го потпишеме првиот договор со којшто Министерството за внатрешни работи ќе се обврзе најдобриот студент да биде дел од Министерството за внатрешни работи. Тоа значи дека имате дополнителна мотивација да бидете најдобри во рамки на својата класа, најдобри во рамки на својата генерација“, порача Тошковски.

Министерот нагласи дека ова нема да се однесува само на еден студент, туку дека намерата е во иднина, согласно потребите на Министерството, да им се даде можност на најквалитетните студенти да станат дел од институцијата. Притоа посочи дека пристапот нема да биде ограничен само на Факултетот за безбедност, туку ќе ги опфати и најдобрите студенти од останатите државни факултети во Македонија.

„Во иднина Министерството за внатрешни работи се обврзува да, согласно потребите коишто ќе ги има во Министерството за внатрешни работи, се обиде да во себе ги гушне, ги вдоми, им даде шанса на најдобрите, не само од Факултетот за безбедност, и тоа сакам да го потенцирам, туку и од останатите факултети државни во Македонија, најквалитетните студенти да им дадеме шанса без јавен оглас да бидат дел од оваа круцијална безбедносна институција во Македонија“, рече Тошковски.

На крајот, министерот ги повика студентите максимално да се вложат во сопственото образование и надградбата на знаењето, нагласувајќи дека можноста за професионален ангажман треба да биде дополнителен мотив за нивниот развој.

„Ве замолувам максимално да се вложите во лична надградба на вашето знаење. Ова кое што го напоменав претходно е само еден дополнителен мотивационен фактор за вас, но сепак вие сте суштината којашто би требало, пак ќе повторам, да е додадена вредност за нашава убава Македонија“, им порача Тошковски, додавајќи дека од оваа година па натаму очекува „не само најдобриот, туку и најдобрите“ да станат дел од безбедносните институции во Македонија.

Exit mobile version