Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска најави воведување на две нови категории стипендии – за студенти со ретки болести и за студенти со посебни образовни потреби, додавајќи дека сите кои ќе се пријават сигурно ќе ги добијат.
Обраќајќи се на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што најави и наскоро објавување на конкурсот, министерката истакна:
– Со тоа повеќе млади ќе добијат поддршка за пристап до високото образование.
Во врска со барањето на студентските организации за зголемување на дневниот износ за студентски оброк од 140 на 200 денари, Јаневска посочи дека се разгледуваат и нови модели од регионот. Во изјава за медиумите, таа појасни:
– Се разбира, во договор со нив ние формираме приоритети. Приоритети во овој момент се студентските домови, но тоа не значи дека оваа иницијатива нема да ја разгледаме. Да, ја разгледуваме, правиме пресметки, но размислуваме и за нови видови на субвенционирање на студентскиот оброк кои ги има во нашата околина и за коишто во минатото сме разговарале со студентите. Оттука, кога ќе го завршиме процесот, секако со решенија во рамките на нашите буџетски можности, јавно ќе бидат информирани и студентите.
Јаневска се осврна и на реконструкцијата на студентските домови, информирајќи дека по вчерашното отварање на „Стив Наумов“ во Автокоманда, наскоро се очекува и вселувањето во „Кузман Јосифовски-Питу“. Во однос на конкурсот за овој дом, таа додаде:
– Конкурсот ќе биде распишан следниот ден кога ние ќе завршиме со документите кои се потребни за реална употреба на студентскиот дом. Во постојан контакт сме со изведувачот и тие финализираат, но потребни ни се уште неколку дена за да ја завршиме комплетната документација.


