На 40-годишна возраст почина поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Рати Мсквилидзе, информираше Ракометната федерација на Грузија. Причината за неговата смрт засега не е соопштена.
Мсквилидзе една сезона го носеше дресот на битолскиот клуб, во периодот кога настапуваше под името Еурофарм Работник. Во сезоната 2017/18 играше на позицијата десен бек и настапуваше во ЕХФ Челинџ купот.
Во текот на кариерата, грузискиот ракометар настапуваше за повеќе клубови во Европа. Покрај македонскиот клуб, играше за Шевардени Тбилиси и Батуми во Грузија, исландскиот Стјарнан, српската Металопластика и турскиот Трабзон, каде што ја заврши играчката кариера во сезоната 2021/22. Беше и стандарден репрезентативец на Грузија.
По повлекувањето од активното играње, Мсквилидзе продолжи да биде дел од ракометот како тренер на младинските категории, посветувајќи се на развојот на младите играчи.
Од Ракометната федерација на Грузија истакнаа дека тој дал значаен придонес во развојот на ракометот во земјата, оценувајќи ја неговата смрт како голема загуба за грузискиот спорт и ракометната заедница.

