Златен накит вреден околу четири милиони денари бил откриен кај тетовчанец, сопственик на златарница, кој се обидел нелегално да го внесе во земјава криејќи го во перница за врат.
Накитот бил откриен при контрола на автобус што сообраќал на релацијата Истанбул – Гостивар, на граничниот премин Богородица. Иако патниците биле прашани дали имаат стока за пријавување, никој не пријавил ништо, по што царинските службеници извршиле детален преглед.
ВИДЕО: Царина
При контролата, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел осомничениот биле пронајдени 77 парчиња златен накит со вкупна тежина од 612 грама.
Според доказите обезбедени во предистражната постапка, тетовчанецот го купил накитот од златарска работилница во Истанбул, со намера нелегално да го пренесе во Македонија и да го продава во сопствената златарница.
Против него е поднесена кривична пријава за криумчарење, дело казниво според Кривичниот законик.

