Во импровизираната судница во затворот „Идризово“, денеска продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителството речиси пет часа презентираше материјални докази кои се однесуваат на функционирањето на Агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити солушнс“.
Меѓу презентираните документи беа дозволата за работа, плановите за надзор, како и листата на вработени. Обвинителството посочи дека од вработените, тројца имале лиценца за обезбедување, додека лицето Ивица Грозданов немало.
Пред Судот беше изведена и фотодокументација од претресите, како и договор меѓу фирмите „ММММ ДООЕЛ Кочани“ и „Рубикон“. Според обвинителите, овој договор претставува обид за изигрување на институциите бидејќи потписот не се совпаѓал со тој на директорот Јане Јанчески.
На почетокот на рочиштето, Судот одлучи да го отфрли како ирелевантен предлогот на обвинителството за изведување докази од анализи на крв и урина на обвинетите, земени три месеци по настанот.
Обвинетиот директор на агенцијата, Јане Јанчевски, во своето обраќање пред Судот истакна дека презентираните документи само потврдуваат дека „Рубикон“ работела согласно законот.
„Ја докажаа мојата професионалност и чесност. Обвинителството за доказот за патролно обезбедување сакаше да ја донесе во заблуда јавноста дека ние нешто сме прекривале за потоа да ги објави сите договори што ние ги имаме за Кочани. Сите се за патролно обезбедување, ниту еден за физичко обезбедување, од причина што не сме имале капацитет за такво нешто. Таков договор ниту имало, ниту има и Обвинителството може да покаже. Неблагодарно е Обвинителството да ја подгрева јавноста со некои наводни договори кои покажуваат такво нешто“, изјави Јанчевски.
Адвокатот на одбраната, Дејан Стојчев, по рочиштето изјави дека Обвинителството нема ниту еден доказ дека неговиот клиент учествувал во активности поврзани со кобната ноќ.
„Освен тој договор, нема ништо што укажува дека Јане Јанчевски на кој било начин давал насоки или учествувал во работењето поврзано со предметниот настан. Сите планови за обезбедување се однесуваат на други субјекти и се изготвени за обезбедување настани од јавен карактер, каде што биле ангажирани повеќе од пет работници за обезбедување“, изјави адвокатот Стојчев.
Стојчев додаде и дека нема никаков доказ кој укажува дека обвинетиот Александар Нацев имал неформална сопственичка или управувачка функција во агенцијата.
Адвокатот Зоран Зафировски, бранител на еден од обезбедувачите, појасни дека планови за обезбедување не биле изработени бидејќи законот тоа го бара само кога се ангажирани најмалку пет лица, а во дискотеката имало четворица.
„Законот самиот предвидува дека такви планови се изработуваат кога се потребни најмалку пет обезбедувачи. Во конкретниот случај според Обвинението, имало само четворица обезбедувачи, па таков план не бил изработен. Со тоа, нема доказ дека членовите на обезбедувањето имале конкретни задачи како да постапуваат при критична ноќ“, изјави Зафировски.
Процесот продолжува на 25 јуни кога Обвинителството треба да презентира докази обезбедени од Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и важи за една од најтешките трагедии во поновата македонска историја. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а зад обвинението стои тим од 15 јавни обвинители.


