Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги спореди податоците за отплатениот државен долг во првите 24 месеци од мандатот на актуелната Влада во споредба со претходната власт.

Според изнесените податоци, во првите две години од мандатот на коалицијата СДСМ-ДУИ биле вратени 49,6 милијарди денари, односно 806 милиони евра главнина на долг.

Од друга страна, во истиот временски период од 24 месеци, актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ вратила 142,2 милијарди денари, што изнесува 2,31 милијарди евра за сервисирање на доспеана главнина.

Стојаноски посочува дека ова претставува зголемување од 2,87 пати, односно 187 проценти повеќе средства насочени кон враќање на долгот.

„Важно е да се напомене дека средствата што ги исплаќа оваа влада се без исклучок земени во мандатот на претходната влада“, истакнува пратеникот во својата објава.

Тој додава дека навременото сервисирање на обврските е клучен сегмент во одржувањето на стабилноста на државниот буџет.

„Одговорното управување со јавните финансии значи обврските да се сервисираат навреме, а истовремено да се обезбедат средства за функционирање на државата, инвестиции и развој“, напиша Стојаноски.

На крајот од соопштението, тој повторно ја нагласи вкупната сума на вратените средства во изминатиот двогодишен период.

„2,31 милијарди евра вратена главнина за две години. Бројките најдобро ја покажуваат тежината на обврските што државата ги сервисира“, заклучува Стојаноски.

Exit mobile version