Министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, присуствувал на свеченото отворање на новиот Адреналински парк на локалитетот Калин Камен, кој е дел од европскиот проект „Прекугранична атрактивност – паметен туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка – Невестино“, поддржан преку програмата Interreg IPA Бугарија – Северна Македонија.
Во овој прекуграничен проект соработуваат шест партнери, а вкупната вредност изнесува над 975 илјади евра. За активностите на Општина Крива Паланка се предвидени речиси 305 илјади евра, од кои околу 45 илјади евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
Стоилковиќ истакна дека овој проект носи видливи придобивки за развојот на регионот:
„Зад овие бројки стои конкретна придобивка за граѓаните. Со уредувањето на овој простор, Крива Паланка добива нова туристичка содржина и нова причина посетителите да дојдат, да останат подолго и да ги запознаат природата, културата и луѓето од овој крај.“
Министерот посочи дека со паркот се заокружува поширока прекугранична туристичка понуда која ги поврзува Калин Камен, Кокино, Хисарлка и Света Ана, нагласувајќи ја важноста на регионалното здружување:
„Тоа е суштината на соработката – секое место има своја вредност, а заедно можат да привлечат повеќе посетители и да создадат поголеми можности за целиот регион.“
Инаку, Адреналинскиот парк на Калин Камен претставува најголема инфраструктурна инвестиција на македонската страна во рамките на проектот и една од најзначајните за развојот на туризмот во Крива Паланка во последните години. Со оваа инвестиција локалитетот се развива како четирисезонска дестинација за авантуристички туризам со потенцијал за економски раст во Североисточниот регион.

