Унапредување на соработката во образованието, развојот на вештини и младинските политики, како и можностите за натамошно продлабочување на партнерството во рамки на европските образовни и мобилни програми, биле главните теми на средбата меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату.
На средбата, што се одржа вчера, соговорниците ја истакнаа заложбата за зајакнување на квалитетот и усогласеноста на образовниот систем со европските стандарди, како и за поголемо учество во програмите „Еразмус+“ и Европската образовна област, се наведува во соопштението на МНРиНТ.
Во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, министерот Муцунски учествуваше и на тркалезната маса „A Path for European Enlargement“, во организација на Friends of Europe, посветена на актуелните политички приоритети поврзани со процесот на проширување, економската и безбедносната соработка, како и прашањата за постепена интеграција, економска отпорност, поврзаност и деловна клима во регионот на Западен Балкан.
Во рамки на денешната програма, предвидено е министерот Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, да оствари средба со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер, како и низа средби со пратеници во Европскиот парламент.


