Обид за внесување голема количина непријавени цигари во земјава е откриен на граничниот премин Богородица, каде царинските службеници пронашле 5.000 штеки цигари со проценета вредност од околу девет милиони денари.
Случајот го открило Основното јавно обвинителство Гевгелија, кое отворило истрага против српски државјанин осомничен за криумчарење. Станува збор за сопственик на транспортна компанија од Србија, кој управувал товарно возило при влез во Македонија.
Во транспортната документација како товар биле наведени пропиленски гранулати, но деталната царинска проверка открила нешто сосема друго. Меѓу пријавената стока во приколката биле пронајдени 100 картонски кутии без ознаки, исполнети со цигари од брендовите „Marlboro“, „Davidoff“ и „Winston“.
Непријавените цигари биле одземени од царинските службеници, а Обвинителството повело истражна постапка за кривично дело „криумчарење“ според член 278 став 2 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител побарал и определување притвор за осомничениот, поради проценка дека постои опасност тој да избега и да стане недостапен за органите на прогонот.

