Цената на нафтата од типот Брент денеска се искачи над 113 долари за барел, приближувајќи се до четиригодишниот максимум од 116,72 долари достигнат на 23 октомври.
Причината за овој скок се зголемените геополитички тензии, кои ги поттикнаа стравувањата од можни прекини во глобалното снабдување со енергенси, објави „Трејдинг економикс“.
Во исто време, американската сурова нафта WTI се искачи на околу 104 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од 15 септември, кога беше забележан четиримесечен максимум од 105,83 долари.
Зголемувањето на цените следуваше по извештаите дека висок американски воен командант го информирал американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за обновени воени напади врз Иран, додека Трамп постојано се закануваше со нови воени дејствија против Техеран.
Од друга страна, Иран сигнализираше дека нема да го омекне својот став за условите за прекин на конфликтот, иако потврди дека добил писмо од американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, со цел продолжување на мировните преговори.
Дополнителен притисок врз пазарот создадоа и тензиите околу Ормутскиот теснец по два одделни инциденти со танкери, што ги зголеми загриженостите за безбедноста на една од најважните поморски рути за транспорт на нафта во светот.
Папаралелно со случувањата на Блискиот Исток, украинските сили нападнаа руска рафинерија во регионот Самара, додека Москва започна нов напад врз Украина преку ноќ.
Сите овие настани доведоа до тоа цената на суровата нафта да се зголеми за околу 15 проценти во текот на октомври. Инвеститорите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток и во регионот на Црното Море, бидејќи секоја понатамошна ескалација може директно да влијае врз производството, транспортот и понатамошниот раст на цените на глобално ниво.

