Силно невреме проследено со обилни дождови, ветрови и поплави погоди голем дел од САД за време на Денот на благодарноста, оставајќи синоќа повеќе од 900.000 домаќинства и деловни објекти без електрична енергија и принудувајќи ги организаторите за првпат во историјата да ја одложат традиционалната парада „Мејси“ во Њујорк.
Според податоците на „PowerOutage.us“, најголем дел од прекините во снабдувањето со струја се регистрирани на Источниот Брег, додека сервисот „FlightAware“ евидентираше доцнење на над 2.200 и откажување на повеќе од 400 локални летови. Вонредна состојба беше прогласена во Њу Џерси и делови од Њујорк, каде што градоначалникот Зохран Мамдани информираше дека спасувачките екипи извлекувале луѓе од заглавени автомобили во поплавната вода, соборена е вегетација и урнати се неколку градежни скелиња без повредени лица, додека поплавите од Северна Каролина до Њу Џерси затворија повеќе сообраќајници, вклучително и патот NC 12 кон островот Хатерас и мостот-тунел преку заливот Чесапик во Вирџинија.
Во Мериленд речиси два милиони жители беа повикани да штедат вода поради прекините на струја, југоисточно од Сиетл во државата Вашингтон беше регистрирано ретко торнадо, а централниот дел на земјата беше зафатен од обилни снежни врнежи при што во Сент Џеневив во Мисури наврнаа 35,5 сантиметри снег и се урна покривот на празна хокеарска сала во Венцвил. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера прогласи состојба на елементарна непогода на Флорида поради претходните поплави и најави дека ќе ги разгледа барањата за сојузна помош и за подрачјата погодени на Источниот Брег.

