Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави реализација на повеќе капитални проекти во главниот град, меѓу кои продолжување и завршување на делови од проектот „Лимак“, изградба на две нови училишта, нова противпожарна станица и активности за возобновување на Луна паркот.
Говорејќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Ѓорѓиевски истакна дека проектот „Лимак“ е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за Скопје. Според студиите на кои се повика, проектот треба да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 33 проценти.
Тој најави дека целта е во втората половина на следната година да биде завршена фазата во Кисела Вода, која опфаќа два големи кружни текови, пристапна рампа кон тунелот и други инфраструктурни содржини. Паралелно, треба да започнат активности и за последната фаза, кај „Нова Македонија“.
Меѓу најавените сообраќајни проекти е и изградбата на трета лента на влезот во Скопје, во општина Гази Баба, која е планирана за следната година.
Ѓорѓиевски најави и почеток на тендерска постапка за изградба на две нови училишта. Едното ќе биде средно училиште во Ѓорче Петров, додека второто ќе се гради во Драчево, каде постојните училишни објекти се во лоша состојба.
„Многу е добро што предвидовме средства и за брзо од денес ќе распишеме тендерска постапка, после години, и во градот Скопје ќе почнат паралелно да се градат две училишта“, изјави Ѓорѓиевски.
Како дел од капиталните инвестиции, градоначалникот ја најави и изградбата на нова противпожарна станица на локацијата Тромеѓе. Според него, средствата се обезбедени, а земјиштето веќе е предадено од Владата и е извршена промената во Катастарот. Следен чекор е распишување тендерска постапка.
Ѓорѓиевски најави и дека во претстојниот период ќе започнат конкретни активности за возобновување на Луна паркот, проект за кој со години се зборува во главниот град.
Најавите за проектите ги изнесе во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

